Институт за стандардизација
на Република Македонија
Пребарај во каталогот
Buy ISO Standards

 

Стратегија

Еден од предусловите на Република Македонија за придружување кон Европската унија, што претставува и главната стратешка цел на ИСРМ, подразбира полноправно членство на ИСРМ во европските тела за стандардизација CEN и CENELEC. Во оваа насока, потребно е исполнување на девет услови од страна на ИСРМ. Ратификуваниот европски договор помеѓу ЕУ и Република Македонија, воспоставената законска рамка за доброволна стандардизација, како и постоењето на препознатливо национално тело за стандардизација во земјата-кандидат и негово функционирање, во согласност со европските принципи за доброволна стандардизација се дел од условите кои не се во целосна надлежност на ИСРМ. Овде се вбројува и гаранцијата за платена годишна членарина од страна на ИСРМ во европските тела за стандардизација – CEN и CENELEC што е директно поврзано со обезбедување на средства, односно финансиска поддршка од државата.

 

Останатите пет услови: активно учество во работата на европските тела за стандардизација, обезбедување на телекомуникациски и IT ресурси, усвојување на минимум 80% од европските стандарди и повлекување на конфликтните национални стандарди, спроведување на нотификациски процедури и процедури за мирување (standstill) и гаранции за заштита на правата на CEN и CENELEC изданијата се директно поврзани со организацијата, функционирањето и ефикасноста на работењето на ИСРМ, односно воспоставување на ефикасен систем за стандардизација во Република Македонија кој ќе овозможи следење и вклучување во стандардизацискиот систем на европско и меѓународно ниво. Стратегијата на ИСРМ, исто така, е соодветно да учествува во подигањето на јавната свест за стандардизацијата, како и паралелно и континуирано да воспоставува меѓународна и билатерална соработка што ќе овозможи да се подигне нивото на соработка и комуникација помеѓу телата за стандардизација. За спроведување на горенаведените активности, ИСРМ се стреми кон зајакнување на кадровскиот капацитет на ИСРМ во сите сектори, особено имајќи за цел да го развива секторот за обуки и сертификација.

 

Преку градење на јавната свест за стандардизацијата, ИСРМ се залага за постигнување на пропорционална застапеност на сите заинтересирани страни во управните тела на ИСРМ, ангажирање на висококвалитетни експерти како членови на техничките комитети, вклучување на претставници од научните и развојните институции во сите активности на ИСРМ, промовирање на учеството на претставниците на потрошувачите во националните, европските и меѓународните активности за стандардизација, промоција на активното вклучување на македонските претставници во меѓународната и европската стандардизација во областите од национален интерес, како и промоција на соработката со бизнис секторот, а особено со малите и средните претпријатија, комори и здруженија.

Јавна расправа по Стратегија на ИСРМ 2016-2020