Институт за стандардизација
на Република Македонија
Пребарај во каталогот
Buy ISO Standards

 

За нас

Во март 2003, врз основа на Законот за стандардизација ("Службен весник на Република Македонија" бр. 54/02) и Одлуката на Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 14/03), е основан Институтот за стандардизација на Република Македонија - ИСРМ како посебна јавна установа одделувајки се од Заводот за стандардизација и метрологија. Со Законот за стандардизација се уредуваат целите и принципите на македонската национална стандардизација, статусот на ИСРМ како и неговите задачи, зачленувањето и неговото финансирање, подготовката, усвојувањето и објавувањето на македонските национални стандарди и нивната примена. Со Статутот на ИСРМ се уредува името, седиштето и организацијата на ИСРМ, неговата дејност, застапувањето и претставувањето, органите и нивните надлежности и одговорности, правата и обврските на членовите на ИСРМ, финансирањето и други прашања во врска со неговото работење.


Во согласност со член 73 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји (ССА, април 2004 година), Република Македонија презема неопходни мерки со цел да се забрза развојот на стандардизацијата како еден од столбовите на инфраструктурата на квалитет, да се поттикне учеството во работата на европските тела за стандардизација (CEN, CENELEC, ETSI, EA, WELMEC, EUROMED и др.), како и да се поттикне користењето на техничките прописи на Заедницата и европските постапки за стандарди, тестирање и за оцена на сообразноста. Во март, 2003 година беше извршен пренос на членството во ISO (Меѓународната организација за стандардизација) од Бирото за стандардизација и метрологија на ИСРМ. Подоцна, во 2003 година, ИСРМ стана придружен член во CEN (Европски комитет за стандардизација). Во 2005 година, ИСРМ беше прифатен како асоцијативен член во IEC (Меѓународната електротехничка комисија), а во март 2005 година стана придружен член во CENELEC (Европскиот комитет за електротехничка стандардизација). ETSI (Европскиот институт за телекомуникациски стандарди) во декември 2006 година го призна ИСРМ како NSO (национално тело за стандардизација).