Институт за стандардизација
на Република Македонија
Пребарај во каталогот
Buy ISO Standards

 

РЕЗИМЕ ЗА ОСТВАРУВАЊАТА НА ИСРМ ВО 2018 И ПЛАНОВИ ЗА 2019

М-Р ЏЕВАТ КИЦАРА - ДИРЕКТОР НА ИСРМ

КРАТКО РЕЗИМЕ ЗА ОСТВАРУВАЊАТА НА ИСРМ ВО 2018

И ПЛАНОВИ ЗА 2019

 

Изминатава 2018 година Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ) бележи значајни промени и успеси. Владата на Република Македонија го назначи м-р Џеват Кицара за директор на ИСРМ кој стапи на функција од април 2018 година. Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ) е единствено национално тело за стандардизација кое ги претставува националните интереси во меѓународните, европските и регионалните организации за стандардизација, ги промовира стандардизациските активности и преку здружување на јавните и приватните заинтересирани страни, ИСРМ подготвува и усвојува доброволни национални стандарди.

По стапувањето на функција директорот на ИСРМ м-р Џеват Кицара оствари директна средба со повеќе институции во Република Македонија со кои потпиша договор за соработка помеѓу институциите и дефинираше насока за развој на идните заеднички активности. Од средбите и промовирањето на стандардизациските активности зголемено е и членството на заинтересираните страни во ИСРМ, па оттука членството во ИСРМ во 2018 година е зголемено за 40% споредено со 2017 година.

Со примена на стандардите се зголемува квалитетот, сигурноста и здравјето на граѓаните, се отстрануваат пречките во трговијата и се стимулира иновативноста. Истакнувајќи го сето ова на промотивните настани, прес конференциите, средбите, работилниците и другите настани на кои учествуваше директорот на ИСРМ м-р Џеват Кицара, придонесе кон зголемување на јавната свест за бенефитот од примената на стандардите. Па треба да се истакне дека во 2018 година продажбата на стандардите е зголемена за 50% споредено со претходната година.

Покрај промотивните активности во 2018, ИСРМ организираше и одржа обуки за заинтересирани страни од разни области како на пример стандарди за градежни производи како и стандарди за менаџмент со човечки ресурси, од кои остварен е финансиски приход за ИСРМ. Подготвен е и годишен план за обуки за 2019 година со селектирани обуки за стандарди по области од интерес на заинтересираните страни.

На билатерален план склучени се повеќе договори за соработка помеѓу Институтот за стандардизација на Република Македонија претставуван од директорот м-р Џеват Кицара како и институтите за стандардизација од регионот Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Бугарија.

Од активностите во 2018 години кои директорот м-р Џеват Кицара ги оствари на меѓународен план би сакале да издвоиме неколку. Во Женева, Швајцарија, одржано е Генералното Собрание на Меѓународната организација за стандардизација - ISO и Комитетот за поддршка на земјите во развој – DEVCO, а во Бусан, Република Кореја се одржа 82-риот Генерален состанок на Меѓународна електротехничка комисија (IEC). Овие настани на меѓународно ниво беа искористени за остварување на состаноци и средби со разни претставници од голем број држави на кои директорот на ИСРМ, м-р Џеват Кицара, ја посочи можноста за соработка на Република Македонија како земја во развој со земјите од другите држави во светот преку заеднички проекти и активно вклучување во стандардизациските активности на сите нивоа.

Во Брисел, Белгија во Европските тела за стандардизација CEN/CENELEC одржан е работен состанок и работилница каде се разговараше за искористувањето на веќе започнатите проекти за грантови за превод на стандарди на македонски јазик од хармонизираното подрачје, кофинансирани од Европската комисија, како и за можноста за почеток на нов проект.

Со оглед на тоа дека примената на стандардите претставува една од основните потреби и услови за успешен развој на македонската економија, во Астана, Казахстан директорот на ИСРМ, м-р Џеват Кицара, присуствуваше на работилница на која беше ставен акцент на начинот за постапување на министерствата и другите органи на државната управа во процесот на подготвување на стратешкиот план и годишниот план за работа како и за примената на стандардите за поддршка на јавните политики.

 

За 2019 година предвидени се повеќе активности со кои Институтот за стандардизација на Република Македонија ќе стане препознатлива институција во Република Македонија каде компаниите можат да се информираат, едуцираат, обучат но и да ги купат стандардите. Планирани се промотивни активности за да можат македонските компании да ја зајакнат својата свест за стандардите, бидејќи тоа ќе им помогне да разберат како можат да ги искористат како алатка за постигнување на своите бизнис цели. Токму стандардите можат да им помогнат на компаниите да бидат во согласност со барањата поставени во регулативите на ЕУ, а безбедни и квалитетни производи можат да се пласираат на глобалниот пазар само со примена на барањата кои се пропишани во стандардите.

Основните цели на ИСРМ се ефикасен и одржлив систем за стандардизација во Република Македонија кој ќе овозможи потполно учество во стандардизацискиот систем на европско и меѓународно ниво, што има за цел поддршка на македонското стопанство при излезот на странските пазари и заштита на македонските интереси. Воспоставување на сертификациско тело по стандардот ISO/IEC 17021-1:2015 како и издавање на сертификати за знак за квалитет.